24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Ковачевски за браната Конско: СДСМ вложува во трајни капитални проекти со огромен развоен потенцијал

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод завршување на изградбата на браната Конско, Гевгелија.

Во своето обраќање, Ковачевски посочи дека оваа брана е најголемата инвестиција во водостопанската инфраструктура за земјоделство, значајна за наводнување на земјоделските површини во гевгелиско-валандовскиот регион како и за зголемено, квалитетно и конкурентно земјоделско производство.

Ковачевски потенцираше дека денеска се става крај на еден децениски предизвик, со што се отвора можноста за регионален развој на југоисточниот дел од државата.

„Јас сум горд, што токму оваа голема инвестиција, започна и завршува во периодот на Владата на СДСМ. И драго ми е што денеска се тука сите вклучени во овој крупен проект и важен за македонското земјоделство.Ова потврдува уште една работа, а тоа е дека ако некој можеше во минатото, зборувам пред 2 декади да упати и критика до нас дека не сме ги завршувале работите, ова е најдобрата потврда дека ја довршивме најголемата инвестиција во последните 5 декади во државата. Во 2018 година, Владата предводена од мојот другар Зоран, заедно со тогашниот но и сегашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо, направи еден огромен чекор и го започна овој капитален инфраструктурен проект.Во 2022 година, во мојот мандат, заедно со ресорниот министер ставивме навистина силен фокус на реализација на капиталните инвестиции, вклучително и на завршување на оваа брана. Затоа што водата му е потребна земјоделството, земјоделците мора да имаат континуирано вода за наводнување, нема развиено земјоделство без добри ситеми за наводнување“, рече Ковачевски.

Вредноста на инвестицијата за браната Конско е 40 милиони евра, сума која што е целосно обезбедена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со оваа брана се овозможува наводнување на нови 4.000 хектари нето земјоделски површини.

„Со тоа им се намалуваат трошоците за производство, а од друга страна се овозможува зголемување на производството и поголема конкурентност на земјоделските производи. Со изградбата на оваа акумулација ќе се овозможи регионалниот развој и тоа од повеќе аспекти- освен чиста вода за наводнување на земјоделските површини, ова е можност за туризмот, за развој на риболовот и на голем број други пропратни активности“, рече Ковачевски.

При тоа, Ковачевски посочи дека инвестицијата во оваа брана е инвестиција за развој на севкупната економија, што крајно ќе придонесе за зголемеување не само на производството, туку и на извозот на земјоделски производи и храна.

„Нашата држава има идеални климатски почвени услови за развој на земјоделството, вредни земјоделци и тие заслужуваат во државата да се инвестира токму во вакви проекти. Тоа во комбинација со развојните мерки е предуслов за развој на земјоделството, за претворање на оваа стопанска гранка во профитабилна и развојна компонента на економијата. Нашите земјоделци тоа го заслужуваат. Нашата цел е развиено земјоделство по европски стандарди, со европски субвенции кое им носи профит и е сигурен извор на егзистенција на оние кои со тоа се занимаваат“, порача претседателот на СДСМ, Ковачевски.