15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски од Прилеп: Оваа година остваривме највисоки 365 денари откупна цена на тутунот

Оваа година остваривме највисока откупна цена на тутунот, бербата на тутунот завршува со историски највисока просечна цена од 365 денари за килограм, рече денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски при отворање на промотивен штаб на СДСМ во Прилеп.

-Денеска тука во Прилеп, најголемиот македонски центар за производство на тутун, одржавме средба со тутунопроизводителите. Ги сумираме резултатите од годишниот откуп. И какви се резултатите? Бербата на тутунот завршува со историски највисока просечна цена од 365 денари за килограм. Пресметано со откупната цена од 365 денари, секој тутунопроизводител добива вкупно 465 денари за прва класа тутун. Во 2014 година просечната откупна цена била 117 денари за килограм, сега имаме за 212% повисока откупна цена. Зошто е ова е така? Затоа што кога се сака нешто, кога се слушаат интересите на земјоделците, кога се креираат заеднички мерки со сите чинители, која се оди по патот на интеграцијата, нема недостижна цел, рече Ковачевски.

Нашата борба за членство во ЕУ е за тоа, за подобар живот на нашите граѓани, додаде Ковачевски.

-Со членство во ЕУ македонскиот пазар, пазарот на македонскиот земјоделец ќе го направиме достапен, ќе го отвориме за нови 500 милиони жители. Тоа значи уште поголеми цени, уште поголем откуп, уште повеќе пари за граѓаните, за земјоделците, за тутунарите, за сите, рече Ковачевски.

Затоа, јас немам дилеми дека Европската Унија е најдобрата и единствената опција за Северна Македонија, додаде тој.

-Станувањето дел од Европската Унија ќе донесе конкретни придобивки за нашата држава, но и за секој граѓанин – за земјоделците, за стопанствениците, за младите, за симпатизерите на сите партии, за неопределените. Придобивки, кои ќе значат посилна економија, повеќе инвестиции, повисок стандард, подобар квалитет на живот, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Прилеп.