Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Н.Ј., началник на одделение во Оддел за дисциплински и судски постапки, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Пријавената, како овластено службено лице, несовесно постапила во вршење на своите овластувања на тој начин што не постапила по правосилна пресуда со која на работник требало да му престане работниот однос во Министерството за внатрешни работи, односно пресудата не ја доставила до надлежните служби во министерството за да биде донесено решение со кое на работникот ќе му биде откажан договорот за работа. Пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која се потврдува пресудата на Основен граѓански суд Скопје, со која е одбиено тужбеното барање на вработената, во Министерството за внатрешни работи е примена на 08.03.2022, а на постапување до стручните служби на министерството е доставена на 27.02.2024.
Поради потешко кршење на работниот ред и дисциплина, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Н.Ј. поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место до донесување на решение во дисциплинската постапка.