24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски убеден дека СДСМ ќе има повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ: Најавува про-европска Влада која ќе ја внесе Македонија во ЕУ до 2030 година

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски е убеден дека СДСМ ќе освои повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на пртстојните избори и дека тој ќе ја предводи следната про-европска Влада.

-СДСМ и коалицијата ќе имаат повеќе пратеници на изборите од ВМРО – ДПМНЕ и јас ќе ја предводам следната про-европската Влада со која до 2030 година ќе влеземе во ЕУ, порача Ковачевски, во вчерашното интервју во „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Во интервјуто, Ковачевски, порача дека на политичката сцена во државата има политички партии кои го бојкотираа влезот на Северна Македонија во НАТО на пример, но државата стана членка.

-Ние станавме земја членка на НАТО. Има политички партии кои упорно го бојкотираат и го опструираат зачленувањето во Европската Унија, ние ќе станеме земја членка на ЕУ. Впрочем, ние обезбедивме независност на државата на референдум, на кој што референдум учествуваа сите граѓани, референдумот беше успешен и државата стана независна Република Македонија“, порача Ковачевски.

Ковачевски додаде дека поради прогресивните политики на СДСМ дошло до зголемување на платите, инвестициите и целокупниот економски потенцијал на државата.

Направи и споредба на платите сега и во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во време на Владата на ВМРО ДПМНЕ кога советник во Владата беше претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, минималната плата беше 8.000 денари и беа потребни 4,5 минимални плати за една потрошувачка кошничка. Сега се потребни 2 минимални плати за 1 потрошувачка кошничка, рече Ковачевски.

-Владата предводена од СДСМ со правилни политики успеа да го надмине ветувањето за просечна плата од 500 евра и денес просечната плата изнесува 650 евра, додаде тој.