Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, заедно со другите лидери на државите од регионот, учествуваше на Конференцијата на високо ниво посветена на Планот за раст на Западен Балкан во Тирана, Република Албанија.
На Конференцијата на високо политичко ниво, присуствуваа и комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, како и други претставници од ЕУ и од релевантни финансиски меѓународни организации.
На Конференцијата беше усвоена заедничка изјава на лидерите од Западен Балкан, во насока на понатамошната институционална соработка меѓу државите, со прецизирање на конкретните чекори и иницијативи за реализација на оваа важна цел за квалитетот на живот на граѓаните во целиот наш регион.
Лидерите од Западен Балкан, во Изјавата се обврзаа да започнат структуриран дијалог, заедно со Европската комисија и земјите членки на ЕУ, со цел спроведување на Планот за раст, на начин којшто ќе донесе поединечна полза и може да го поттикне регионалниот просперитет и социо-економското приближување кон ЕУ.
Во Изјавата е оценето дека, Планот за раст за Западен Балкан претставува одлична можност за унапредување на интеграцијата на регионот на Единствениот пазар, како и во механизмите и инструментите на ЕУ, додека се забрзуваат реформите во стратешките и суштински области, вклучително и оние поврзани со владеењето на правото и основните права.