26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ЕСМ: Субвенции за топлинска енергија за домаќинствата и оваа грејна сезона

Фактурите за топлинска енергија за грејната сезона 2023/2024, кои ќе се испорачуваат до потрошувачите од категоријата домаќинства во следниот период, а се однесуваат на јануари, фавруари, март и април, ќе ја вклучуват мерката за субвенционирање на цената на топлинската енергија. Субвенциите што се однесуваат на октомври, ноември и декември ќе бидат пресметани и ќе го намалат износот на потрошениот реален надоместок за грејната сезона, известува ЕСМ.

Износот на субвенциите, односно финансиската поддршка за секој потрошувач е прикажана во фактурата за секој месец поодељно и го намалува износот на надоместокот за топлинска енергија од мерач. Финансиската поддршка ќе обезбеди намалување на израмнителните сметки во мај, јуни и јули кога потрошувачите ќе го почувствуваат бенефитот од мерката, соопшти ЕСМ.

Друштвото „ЕСМ снабдување со топлина“ ДООЕЛ Скопје како носител на лиценцата за снабдување со топлинска енергија дејноста ја извршува врз основа на законски и подзаконски акти, кои го регулираат пазарот на топлинска енергија. Друштвото има обврска да ги почитува и економските мерки за справување со продолжените ефекти од енергетската и ценовната криза донесени од Владата на РСМ.

Потрошувачите во периодот август – април добиваат авансни сметки – фактури, а разликата на количината испорачана топлинска енергија до потрошувачите (што е регистрирана на мерилата во топлинските станици) од прогнозираната во авансните фактури ќе биде израмнета во сметките што потрошувачите ќе ги добијат во текот на мај, јуни и јули кога вообичаено се врши порамнување. Во текот на целата година во своите сметки на задната страна добиваат податок за тоа колку енергија потрошиле, колкава е ангажираната моќност и колкава е разликата помеѓу реалниот и надоместокот што потрошувачите го авансирале со авансните фактури, се додава во соопштението на ЕСМ.