23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

В петок во Europe House Skopje, „Култура Бета“ го организира второто издание на „Клинци“

В петок (1.3.2024), неформалната организација за афирмација на младинската култура, по вторпат го организира настанот за млади „Клинци“ каде што ќе се претстават четворица млади автори и ќе биде поставена изложба на младиот уметник Бојан Звездаковски.

На настанот ќе учествуваат младите автори Викторија Ангеловска, Драгана Стојадиновска, Дамјан Златановски и Софија Тодороска. Тие ќе се претстават со своја поезија и проза, а публиката ќе може да ја погледне и изложбата на младиот уметник Бојан Звездаковски. Бојан Звездаковски е уметник и визуелен наратор кој го идентификува неговиот уметнички стил како „мрачен надреализам“, во текот на неговото уметничко патешествие има експериментирано со повеќе медиуми и техники, како фотографија, колаж, графички дизајн, моден дизајн, сликање и дигитално цртање кои денес сите заедно ги комбинира во делата што го креира. Бојан има учествувано на повеќе интернационални настани со изложби на негови дела меѓу кои Art Basel Miami и NFT – New York City, како и неколку домашни настани во Скопје и Битола.

„Некои ќе речат, а можеби и ќе викнат, гордо ќе кажат ‘Порано младите беа подобри…’ Инспирирани, испровоцирани, поттикнати од таквите мудри изреки, почнуваме со еден нов концепт на книжевни читања наречен „Клинци“. Секое издание ве запознаваме со четворица млади автори кои штотуку влегуваат на книжевната сцена, ве запознаваме со нивната поезија и проза, а секое издание ќе биде дополнето и со изложба“ истакнуваат од Култура Бета.

Настанот „Клинци“ има за цел да даде фокус на младите книжевници и ликовни уметници и да отвори можност тие пошироко да се претстават пред публиката со своето творештво. Настанот е во организација на „Култура Бета“, организирано со поддршка од Europe House, а модератор на настанот ќе биде младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски.