Денес 15.02.2024 година, Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Заменик министерот Назим Буши и Дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави Н.Е. Анџела Агелер.
Министерот Тошковски ја запозна амбасадорката Агелер за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое ја има првенствената улога во спроведувањето на изборите кои ни претстојат, а тоа е законито и професионално постапување во организирањето и спроведувањето фер и демократски изборен процес. Во тој контекст, Министерот Тошковски укажа на неможноста согласно Закон во рамки осумте раководни работници во секторите за внатрешни работи да назначи началник на СВР Тетово, со што се нарушува можноста да биде гарант на изборниот процес за тоа подрачје.
Министерот Тошковски ги образложи преземените активности во врска со важноста на патните исправи и го потенцираше решавањето на овој проблем на идентичен начин како и со возачките дозволи, односно преку промена на Законот за патни исправи, ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните.
На средбата, амбасадорката Агелер изјави дека го разбира целокупниот процес во насока на решавање на проблемот со личните документи и истакна дека нуди целокупна поддршка во насока на решавање на проблемот, од аспект на технички или кои било други ресурси. Воедно изрази уверување дека министерството за внатрешни работи професионално ќе ги изврши своите обврски за организирање безбедни, фер и демократски избори и ја поздрави успешната билатерална соработка, ставајќи притоа акцент на тековните проекти започнати во соработка со Програмите кои работат на нивна реализација од аспект на зголемување на капацитетите на македонската полиција.
Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка со САД, особено за остварувањето на неодамнешната посета на
Вашингтон. Воедно нагласи дека раководството на МВР во овој состав на техничката Влада, засега функционира професионално и законито, без политички влијанија и на истиот начин треба да продолжи во целиот свој мандат.