На последната анкета на „Внимание, внимание“ на „Трн.мк“, младите одговараат дека сакаат претставителен претседател, кој нема да „ја брука“ државата, човек кој поседува етички и морални квалитети и ќе се бори за интересите на државата и особено младите.
Тие посакуваат идниот претседател да се залага за квалитетен живот, да застане зад своите ставови и да се фокусира на младите, високото образование за младите да не бегаат од државата.
Запрашани за тоа што тие би ветиле кога би се кандидирале за претседател, младите одговараат дека би се залагале за повеќе обновливи извори на енергија, повеќе инвестиции, раст на економијата, но фокус ставаат и на високото образование, кое според некои треба да биде бесплатно, а не луксуз.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.