23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Голем број Македонци и оваа година ќе заминат на работа во Хрватска: Се бараат пица мајстори и скараџии за плати од 2.500 евра

Угостителските објекти во Македонија и оваа година тешко ќе се снаоѓаат со персонал поради тоа што голем број работници планираат да заминат на сезонска работа во Хрватска.

Главната причина поради која Македонците бараат работа во Хрватска се повисоките плати, кои се движат од 1.000 до 2.500 евра.

Поголем дел од сезонските работници работат во секторот туризам како келнери, шанкери, готвачи, пица мајстори…

Покрај платите, келнерите имаат и добар бакшиш, па така некои заработуваат уште една плата само од бакшиш.

Иако платите во угостителството растат и во Македонија и во некои локали достигнуваат и до 1.000 евра, сепак не можат да се споредат со приходите кои работниците би ги оствариле во Хрватска.

Економски експерти велат дека работодавачите во Македонија не мора да ги изедначат платите со Хрватска за работниците да останат тука. Според нив доволно е платите да бидат 70 проценти од примањата што би ги оствариле во странство, за работниците да останат во земјава. Велат дека работниците потешко би се одлучиле за работа во странство, ако ги имаат 70 проценти од примањата што би ги оствариле во странство.

Оваа година повисоки плати на Јадранот

Последните информации кои ги објавуваат хрварските и босанските медиуми се дека платите на Јадранот се покачени оваа сезона, особено за пица мајстори, на кои им се нуди плата од 2.500 евра.

Лошо е што во поголемиот број огласи, тоа подразбира 9 часовно работно време, без слободен ден, а голема е побарувачката и за скара мајстори.

– Двете професии се мнногу барани, а понудените плати постојано растат, побрзо од државниот просек, вели Ален Мрвац од порталот “МојПосао”, за “Јутарњи лист”.

Работодавачите меѓу себе немилосрдно се борат за да ги обезбедат овие работници.

Сопственик на пицерија открива дека неговата потрага по пица мајстори траела со месеци.

– На огласи никако не може да се најде пица мајстор. Преку пријатели, познаници, преку некој слушаш дека се незадоволни, сакаат поинакви услови, тогаш ги отсликуваш нивните проблеми и тоа што би сакале, па се прилагодуваш и се обидуваш да ги донесеш, вели сопственик на пицерија во Хрватска.

Според последните податоци на хрватското Министерство за внатрешни работи, минатата година на Македонци биле издадени 13.412 работни дозволи. Но, ако се земе во предвид дека голем број работници работат на црно, бројката на македонски работници во Хрватска е многу поголема.