23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Започна изградбата на обиколница Тетово

Во близина на населеното место Требош денеска се означи почетокот на градежните работи за изградба на обиколница Тетово.
На настанот присуствуваа претседателот на Владата, Талат Џафери заедно со членови на Владата, директорот на ЈП за државни патишта, градоначалници, пратеници и граѓани.

Инвестицијата е вредна 12,2 милиони евра, во прва фаза ќе се гради обиколница од 5,4 километри со две ленти од по три метри од клучката кај н.м Требош до Непроштено. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека овој проект е од огромно значење за сите жители на Полошкиот регион.

“ Изградбата на оваа обиколница несомнено е проект со кој ќе го забрзаме економскиот развој на регионот, ќе го растеретиме сообраќајот и ќе го олесниме пристапот на многу компании кои работат во овој дел на државата. Оваа инвестиција од преку 12 милиони евра е значаен придонес за развој на патната мрежа низ Северна Македонија, но верувам дека ќе биде огромно олеснување за сите граѓани од Тетово, Желино, Теарце, Јегуновце и сите останати од Полошкиот регион. Преку 2 милијарди евра инвестираме само во изградба и модернизација на целокупната патна мрежа во земјава. И ова за нас како ресорно министерство е од исклучително значење во спроведувањето на националните транспортни политики”, изјави министерот Бочварски.

Министерот за финансии Фатимр Бесими во своето обраќање истакна дека капиталните инвестиции во континуитет се зголемуваат.
“ Промовираме проекти со кои создаваме европски услови и квалитет на живот. Проекти со кои обезбедуваме побрз транспорт за граѓаните и бизнисот, безбедност во сообраќајот, почист воздух и друго. Проекти со кои Европа ја создаваме овде дома. Изградбата на обиколницата на Тетово е само дел од поголемата слика сочинета од инфраструктурни проекти од 2,4 милијарди евра за кои има активни договори со меѓународните финансиски институции и дел од капиталните расходи кои се предвидени во буџетот и кои постојано растат. Во 2019 година тие изнесуваа 290 милиони, во 2020 година 260 милиони евра, минатата година се зголемија на ниво од 708 милиони евра, а годинава се на историско највисоко ниво од 735 милини евра“, рече министерот Бесими.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми потенцираше дека овој проект се реализира со средства од буџетот на Јавното претпријатие.
“ Денеска сме тука да го одбележиме почетокот на изградба на обиколницата на Тетово преку клучката Требош. Овој важен инвестициски проект е во вкупна вредност од 12,2 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на ЈПДП. Предвидени се да се изградат 5,4 км пат, односно обиколницата ќе има по две коловозни ленти од двете страни во ширина од вкупно 6. 6 метри. Исто така од двете страни на патот ќе има паралелни тампонски сервисни патишта по целата должина на делницата со ширина од околу 3 метри. Рокот за изградба е 15 месеци, односно во мај 2025 година треба да заврши изградбата на првата фаза. Паралално со изградбата на првата фаза се проектира втората фаза а тоа е изградба на клучка Требош”, истакна Рустеми во своето обраќање.

За граѓаните и компаниите ова е исклучително важен проект со кој ќе се зголеми продуктивноста, економскиот развој и безбедноста во сообраќајот во регионот, потенцираше градоначалникот на општина Теарце, Нухи Незири.