23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Пендаровски бара Собранието да донесе одлука за важење на возачките дозволи

„Неприфатливо е македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот“, пишува доцна вечерва претседателот Стево Пендаровски кој додава дека ги следи реакциите на загрижени граѓани кои и лично го контактирале вечерва.

„Барам од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои што учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање. Како што кажав и пред неколку седмици, доколку се има политичка волја, законските решенија може да се донесат во многу краток рок“, бара Пендаровски.

Тој додава дека „Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава“.

Пендаровски ги повикува надлежните институции навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори кои се преземаат да се надмине оваа неприфатлива ситуација.

„Истовремено, како претседател на државата сакам да ја повторам нашата посветеност кон имплементација на сите меѓународно правни обврски што ги имаме преземено, а произлегуваат од тн. „Преспански договор”, додава Пендаровски.