„Во 2030-та сигурно ќе има прием на нови членки. Наше е – одлуката, прашањето, дилемата, дали ќе бидеме меѓу тие нови членки на бината и ќе потпишуваме договор за пристапување или ќе бидеме во публика, ќе се радуваме затоа што некои наши соседи ќе бидат во ЕУ“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Гласот на Америка“.
Тој додаде дека 2030 е релна можност за која владата се бори долго време и дека само од нас зависи дали ќе успееме да ја оствариме.
„Ако наредната наша влада со овој коалиционен состав, ги заврши преговорите до крајот на 2028-ма, реално е да се очекува дека до 2030-та, ќе биде година на нашето членство. Треба една до една и пол година за ратификација на Договорот за пристапување. Дали ќе стасаме до 2030-та на бината за прием на нови членки, зависи пред се од нас, или ќе ги гледаме проблемите на начин на којшто сакаме да ги завршиме или на ќе ги гледаме на начин како можност за никогаш да не ги решиме и како можност за популизам и национализам“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека е важно да се излезе од долгата и тешка транзиција и да се понуди на новите генерации нова политика и нови можности со цел да се дојде до посакуваната точка – членството во ЕУ.