25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Мерките за замрзнување на цените ставија крај на дивеењето на цените во маркетите

Мерките за змрзнување на цените на основни продукти, кои ги носеше Владата изминативе неколку месеци, дадоа резулат. Со ограничувањето на цените на одредени продукти, се стави крај на дивеењето на цените и истите почнаа да се намалуваат.

Исто така, пакетот мерки за заштита на стандардот на граѓаните даде резултат, а истовремено се намалува инфлацијата. Пред една година стапката на инфлација кај храната изнесуваше 20 отсто, а сега е сведена на само 0,1 отсто кај храната, додека вкупната стапка на инфлација е намалена и изнесува околу 3,5 отсто.

Минатиот месец, Владата по предлог од Министерството за економија одлучи да ја продолжи мерката „гарантирана цена на прехранбените производи“ до 29 февруари. Тоа значи дека лебот, брашното, оризот, бисквитите, наполитанките, тестенините, месото и производите од месо, млекото, јајцата, сирењето, кашкавалот и другите млечни производи ќе имаат ограничени цени и овој месец.

Професорот Бранимир Јовановиќ во изјава за „Слободен печат“ рече дека ова е добра одлука и дека ограничувањата треба да бидат на сила се додека инфлацијата не падне под 3%.

-Забавувањето на инфлацијата од последните месеци скоро целосно се должи на овие ограничувања. Во август, пред да се ограничат цените, инфлацијата беше 8.6%. Откако се донесе мерката, инфлацијата за само неколку месеци падна на под 4%. Не знам кои се мотивите на владата, може и да се чисто популистички, можеби само сакаат да смират незадоволство пред избори, ама дури и да е така, тоа не значи дека мерката е лоша. Грешката на владата е што доцна го донесе ова ограничување, требаше порано. Но никако не може да се каже дека е грешка самото ограничување, бидејќи очигледно, има ефекти, изјави Јовановиќ за „Слободен печат“, пред неколку дена.

Цените на храната континуирано паѓаат и на светските берзи, поради што се очекува цените да се намалуваат и низ маркетите низ Македонија.

Иако, во моментов кај нас се уште се во сила замрзнати цени на основните продукти, очекувањата се дека цените дополнително ќе се намалуваат, поради падот на цените на светските берзи.