„Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Буџетот во рамките на Програмата за инвестирање во животната средина за 2024 година, за прв пат обезбедува директна финансиска поддршка за сите четири национaлни парка во висина од 20.000.000 денари“ најави министерката Шукова на денешниот работен состанок со директорите на националните паркови.
За добивање на средствата националните паркови ќе треба да аплицираат со предлог проект на Конкурсот што веќе е објавен и е активен до 19 февруари. Во самиот Конкурс, Министерството даде насоки за активностите што ќе се финансираат со цел националните паркови не само финансиски да се помогнат, туку и да се мотивираат и насочат кон примена на одржливи системи на управување во заштитените подрачја во кои природата ќе биде во хармонија со потребите на луѓето и локалните заедници.
Препорачано е активностите да бидат поврзани со Плановите за управување, да бидат насочени за спроведување на практични мерки за конзервација на диви видови, да бидат во насока промена во паркот што ќе генерира финансиски средства на паркот преку спроведување на екосистемски услуги: изградба на зелена инфраструктура (уредување на туристички места, адреналински парк, видиковци, уредување на планинарски/вело патеки и друга инфраструктура); едукативен центар за млади; 3Д виртуелни тури низ паркот; промовирање на локален бренд на храна и слично; и она на што посебно ќе се внимава е примена на иновативните решенија засновни на природата.