24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Средба Џафери – Вал: Придонес од сите во фер и демократски избори

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килиан Вал.

Амбасадорот Вал му го честиташе на премиерот Џафери изборот на претседателската позиција во Владата, како и мандатот на новоизбраниот владин состав, а фокус на разговорот на состанокот беа претстојните редовни претседателски и парламентарни избори.

Претседателот на Владата, Џафери, ја истакна неговата недвосмислена определба, преодната Влада што ја предводи, да организира и спроведе мирни, фер и демократски избори, според највисоките европски стандарди. Премиерот Џафери потенцираше дека проевропската коалиција, на којашто се темели Владата, е посветена кон европски вредности во политиките во сите области, затоа што суштинска потреба за квалитетот на живот на граѓаните е скорешна интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија, а изборите се дел од тој пат напред. Во таа насока, на состанокот се изрази очекување за придонес од сите политички субјекти и институции, во фер и демократски избори, како и во претходните неколку изборни циклуси и имајќи ги предвид препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Во однос на набљудувачката мисија за претстојните избори, премиерот Џафери соопшти дека непосредно пред формалната објава на датумите за претседателските и парламентарните избори, ќе биде доставено и официјално писмо со покана за набљудување на двојните избори, за што Мисија на ОБСЕ/OДИХР веќе беше во Скопје и ја направи потребната проценка. Премиерот Џафери потенцираше дека Владата ќе ги преземе сите расположливи активности за да обезбеди фер и демократски избори оваа пролет.

На денешната средба се разговараше и за придонесот на Северна Македонија во регионалната стабилност во специфичниот геополитички контекст, како успешен пример на функционална мултиетничка демократија.

Се потенцираше дека Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ во исклучително тежок глобален контекст, но дека покажа на дело една успешна приказна за соработка и пред сѐ за Северна Македонија која со способноста во предизвикувачки времиња придонесе за ОБСЕ со капацитет за ефективна дипломатија и продуктивен дијалог и одлично се справи со предизвиците. Со тоа, како што се оцени, Република Северна Македонија, се издигна во доверлив партнер на демократската меѓународна заедница, во промовирањето на мирот и стабилноста во Западен Балкан но и во Европа и светот.

На состанокот беше констатирано дека ОБСЕ има значајна улога во унапредувањето на демократските процеси во земјава и во реформите важни за европскиот пат, што продолжува преку блиската и ефективна соработка.