24 C
Скопје
22. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Нашата евроатлантска ориентација донесе највисоко ниво странски директни инвестиции од 754 милиони евра

„Евроатлантската ориентација на нашата држава донесе највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Имаме, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, кога изнесуваа 338 милиони евра“ изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Локално“.

Тој додаде дека до 2017 година државата не ги поддржуваше домашните компании, а во овие шест години со 100 милиони евра беа поддржани 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси и беа реализирани 500 милиони евра инвестиции.

„Финансиската поддршка од државата значи многу за компаниите, затоа што го зголемува бројот на работни места и ја подобрува материјалната состојба на компаниите. И со тоа овозможивме и достоинствени плати на вработените, рекордна просечна плата од околу 630 евра – значи над ветените 500 евра на граѓаните, рекордна минимална плата од над 22.500 денари колку што ќе е со следното усогласување, историско ниво на пензии – просечната пензија е околу 20.000 денари, минималната е 13.000 денари“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ рече дека овие резултати се постигнати во време на Влада која ја предводи СДСМ преку правилни политики и јасна европска ориентација.

„Поддршката од ЕУ ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија. Тоа го покажуваат примерите со развојот на Романија, Чешка, Словачка, Полска. Во однос на странските директни инвестиции, тие во просек се зголемиле за 28% – и тоа во првите 5 години од членството во Унијата“ рече Ковачевски.