25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
.МАКЕДОНИЈА

„Фронтлајн“: ВМРО-ДПМНЕ во „канџите“ на деструктивноста – не им е важен државниот интерес

„Неодговорно е да се прават опструкции на Влада за која ВМРО-ДПМНЕ се согласило, партиципира и која е од техничка, а не политичка природа, а има за цел да обезбеди фер и демократски изборен процес“, вели во изјава за „Фронтлајн“ – претседателката на ЛДП и пратеничка во Македонското Собрание, Моника Зајкова, зборувајќи за опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ кон техничката Влада, како и кон евроинтеграцискиот пат на земјата.

– Tехничката Влада доаѓа како резултат на Пржинскиот договор во кој учествуваа четирите најголеми партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ, во тоа време. ЛДП не беше ни прашана за тој договор. Оттука неодговорно е да се прават опструкции на Влада за која ВМР- ДПМНЕ се согласило, партиципира и која е од техничка, а не политичка природа, а има за цел да обезбеди фер и демократски изборен процес. На крајот од денот тие технички министри се платени од граѓаните и треба да обезбедат функционалност и континуитет на државата и добробит на граѓаните во овие 100 дена. Ако некој има страв и недостаток на самодоверба треба да поработи на себе, изјави Зајкова за „Фронтлајн“.

Кој ќе победи на изборите, истакна таа, ќе одлучат граѓаните со нивниот глас.

– Нашите очекувања се дека ќе победат прогресивни сили кои државата ќе ја однесат напред и дека до 2030 година ќе ја видиме рамо до рамо со другите европски држави. Јас лично сакам да ја видам Македонија прогресивна и реципрочна со прогресивните земји во Европа. Македонија која има визија за развој и во која граѓаните живеат среќен и квалитетен живот, потенцира претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.

Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) – вели дека за жал, политиката што ја води ВМРО-ДПМНЕ постојано и со години е политика на опструирање и попречување на сите важни демократски процеси за земјата и за сите нејзини граѓани, вклучувајќи ги тука и изборите.

– Неоспорен факт е дека земјава има далеку подобри оценки за организирањето на изборите во годините по падот на автократскиот режим на ВМРО-ДПМНЕ, кој владееше со брутално нарушување на изборните процеси, контрола на медиумите, злоупотреба на буџетот и институциите во функција на изборна пропаганда и притисоци врз гласачите, за што говореа бројни извештаи на меѓународни и домашни организации и набљудувачи. Исто така, да потсетиме, ВМРО-ДПМНЕ иако не беше на власт победи на локалните избори пред две години, а техничката влада по моделот договорен во Пржино е политичко решение донесено токму поради недемократското владеење и организирање на избори од страна на ВМРО-ДПМНЕ како власт, вели Сарачини за „Фронтлајн“.

Затоа, додава тој, ваквото деструктивно однесување и барање на оправдувања едноставно не држи вода.

– ВМРО-ДПМНЕ по сè изгледа не може да излезе од оваа матрица на опструкции, и постојано се обидува да фрли дамка на изборите. Можеби дел од причините за ова однесување лежи во стравот од соочување со политичките противници од владејачките партии, кои по сè изгледа ќе настапат заеднички на овие избори, што ги намалува драстично шансите на ВМРО-ДПМНЕ за победа и освојување на власта, потенцира тој.

Парламентарните избори во мај ќе бидат единаесетти од осамостојувањето на државата, додека претседател ќе се бира по седми пат, вклучувајќи го и првиот од двата мандата на Киро Глигоров кој беше даден врз основа на избор од страна на Собранието согласно тогашните уставни решенија.

Дестан Јонузи

Извор: Frontline.mk