Советниците на Мицкоски продолжуваат со блокадата на проектите кои се од интерес на граѓаните во Советот на Град Скопје. Денес, советниците на Христијан Мицкоски во Советот на Град Скопје гласаа против одлуката за набавка на модерни и нови еколошки автобуси, велат од Град Скопје.
„Веројатно, додека траеше седницата, тие добија некоја нова порака со насока како да ги зезнат граѓаните. Поради лични хирови на нивниот претседател, советниците казнуваат половина милиони жители на градот Скопје.
Се работи за срамна одлука на советниците на ДПМНЕ, која доаѓа по директна партиска директива од раководството на партијата. Советниците на Мицкоски уште еднаш покажаа дека партиските и личните интереси ги ставаат пред интересите на граѓаните“, соопшти Град Скопје.
„Градската администрација нема да се откаже од модернизирањето на возниот парк на ЈСП ‘Скопје’ затоа што тоа е приоритет кој произлегува од програмата, која победи на изборите, програмата ‘За модерно Скопје’. Работиме на сериозни решенија на надминување на оваа блокада со цел остварување на јавниот интерес, интересот на скопјани“, се додава во соопштението на Град Скопје.