11. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ѓорѓиевски: Преку Еразмус плус програмата учесниците добиваат месечен надомест, но имаат шанси и самите дополнително да заработат.

Во Студио на Слободен печат, Марко Ѓорѓиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, објасни како и колку паричемн надомест добиваат учесниците што заминуваат во странство преку Еразмус плус програмата.

„Самата Еразмус програма е замислена да им дава одредени средства на студентите, односно средства за пат и за трошоци таму. Во зависност од државата, односно во која држава патуваат студентите добиваат пари на месечно ниво, средства што се доволно за таму да живеат но да не се опуштаат, а секако имаат можност таму и да доработат нешто, бидејќи кампусите, факултетите даваат шанса да се работи кај нив со скратено работно време. Средствата што ние ги даваме се околу 700 евра месечно, за да може еден студент во тие три или шест месеци да може таму да живее“ порача Ѓорѓиевски додавајќи дека дополнителни парични средства се издвојуваат за студенти кои доаѓаат од посиромашни семејства.

За него, голем успех е што македонскиот јазик во Еразмус плус програмата е на исто рамниште со останатите светски јазици, што само потврдува колку оваа европска алатка е важна за заштита на македонскиот идентитет.

„Од 2023 година македонскиот јазик е официјален јазик којшто може да се изучува. Тоа значи дека за сите оние што ќе дојдат тука да студираат, да волонтираат, да имаат можност, претходно, пред да дојдат во државата да го изучуваат македонскиот јазик. Тоа за нас е од големо значење, бидејќи сега македонскиот јазик е рамо до рамо со сите европски јазиици и сите студенти кои би дошле тука да можат да го изучуваат јазикот претходно.и со тоа се дава значење на македонскиот јазик во европски рамки“ посочи тој.