25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Собранието ја избра преодната Влада пред единаесеттите парламентарни избори

Собранието на Република Северна Македонија денеска ја избра преодната Влада, чиј состав и програма ги предложи новиот премиер Талат Џафери, откако во петокот (26 јануари) го доби мандатот за составување на кабинетот.

Согласно Законот за Влада, пратениците, со 65 гласа „за“ и три „против“, во рамки на 141. пленарна седница, ја изгласаа Владата која ќе биде на должност во периодот од 100 дена до претстојните избори во земјата, односно до конституирањето на новиот собраниски состав и изборот на нова влада.

Откако кабинетот на Џафери ја даде свечената изјава, новиот претседател на Собранието, Јован Митрески, им го честита изборот на претседателот на Владата и на новите министри, изразувајќи очекување дека успешно ќе ја извршуваат функцијата и ќе имаат добра соработка со законодавниот дом.

Со изборот на Џафери за премиер престанува неговиот мандат како пратеник во Собранието.

Во изјавата по изборот за премиер, Џафери истакна дека, како и досега, ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и дека ќе ја оправда довербата што му е дадена.

Единаесеттите парламентарни избори ќе ги распише новиот претседател на Собранието, Јован Митрески, согласно роковите предвидени со Уставот и Изборниот законик, а, како што е најавено, тие годинава ќе се одржат заедно со вториот круг од седмите избори за претседател на државата.

По изборот на Владата и завршувањето на 141. седница, претседателот на Собранието, Јован Митрески, ја закажа новата 142. пленарна седница. На дневен ред на оваа седница е избор на заменик-министри во Кабинетот на Џафери, вклучително и дополнителни заменик-министри во Mинистерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за земјоделство, водостопанство и шумарство и за информатичко општество и администрација.