По повод 27 јануари, Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од Холокаустот, претседателот Стево Пендаровски ја испрати следната порака:
„Денешниот ден сведочи за едно од најстрашните злосторства во историјата на човештвото и нè потсетува до што сè може да доведе нетрпеливоста и непочитувањето на различностите меѓу луѓето.
Наша должност е да ја сочуваме вистината за Холокаустот, споменот за неправдите и милионите жртви, и да се спротивставиме на секое зло кое потекнува од стереотипите, стравот и меѓусебното неразбирање, бидејќи само така ќе ја задоволиме правдата и ќе имаме мир.
За таа цел, да продолжиме да ги воспитуваме новите генерации во духот на моралните вредности, почитување на различностите и човековите права на секој поединец, и да градиме општества во коишто нема да има простор за дискриминација, ксенофобија, антисемитизам, антициганизам и расизам“.