„Пржинската влада е воспоставена со договорот од Пржино и таму е дефинирано дека од изборите во 2016 и последователно кои и да се избори во иднина предвремени и редовни ќе се применува принципот привремена техничка пржинска влада за да се обезбеди прифатливост на изборниот процес, да биде усогласено учеството на сите во подготовката и спроведување на изборите. Во тој контекст дилемата да или не понатаму е работа којашто треба да се реши и можело да се реши на почетокот на овој или наредниот мандат“, изјави претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери.
Тој додаде дека во ситуација кога има потенцијал за признавање или непризнавање на резултати, со техничката влада нема простор за бегање од резултатите.
„Поопширно ако ги гледаме односите во смисла на статусот на државата, во смисла на достигнувања на државата, и на она кај што сакаме да одиме, можеби се создадени услови да се размислува да се излезе од таа позиција со тоа што треба да се предложи законско решение“, посочи Џафери.
Тој додаде дека имало причина да си остане ваквиот состав и ваква конфигурација на владата.
„Наредните избори ќе покажат дали предусловите се остварени во смила да се отстрани ова решение или ќе покаже дека има потреба да трае и понатаму“, потенцираше Џафери.
Тој дополни дека тоа зависи од однесување од политичките субјекти кои учествуваат во изборите.
„Тие ќе покажат во пракса дали се створиле предуслови да се излезе или сме во некој менталитет од 2015,2016 година. Причината за формирање на техничка влада бил процесот што и претходел комбиниран со ситуацијата којашто беше во 2015,2016 година“, заклучи Џафери.