Вкупно 1855 проекти биле реализирани во земјава од 2007-та година досега, со финансиска поддршка од Европската унија.
Унијата преку ИПА фондовите за оваа намена има издвоено над 812 милиони евра. Од нив, 34,2 проценти се наменети за општински проекти, а останатите за проекти на национално ниво – покажуваат податоците кои од Секретаријатот за европски прашања ги споделија за ММС.
Податоците говорат дека најмногу проекти (922) се реализирани во секторот „Образование, вработување и социјални политики“, но највеќе пари сепак се слеале во областа на транспортот. Токму таму се инвестирани над 223 милиони евра, што го прави транспортот сектор кој предничи во однос на останатите шест.
Веднаш по него е заштитата на животната средина, сектор во кој се инвестирани повеќе од 122 милиони евра, а 121 милион евра чинеле проектите за демократија и владеење.
Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во државава и на нејзиниот пристапен процес, а гледано по региони, највеќе пари преку него се слеале во Вардарскиот регион.
По него следуваат Пелагонискиот и скопскиот регион – информираат од СЕП.
Од Секретаријатот во кусата изјава за ММС, велат дека ИПА програмата е од големо значење за граѓаните, бидејќи овозможува и општините да реализираат повеќе проекти.
Користењето на ИПА фондовите клучно за забрзување на реформите и регионалниот развој – смета Маричиќ
Инаку, средствата кои се инвестираат овде доаѓаат од сите членки на Унијата, со што проектите всушност се реализираат со пари кои во фондовите се влеваат директно од плаќањето на даноците во ЕУ.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој е и национален координатор ИПА координатор, смета дека со помош и соработка на сите земји членки, државава може да се трансформира во поубаво место за живвеење, но сепак, сѐ зависи од нашите капацитети.