23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Д-р Петличковски: Зголемување на бројот на случаи со грип, задолжително носење маски во здравствените установи, во домовите кои згрижуваат стари лица

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски денеска информираше дека на состанокот на Комисијата било дискутирано за епидемиолошката состојба во однос на големата кашлица и грипот.

„Денеска Комисијата за заразни болести имаше редовен состанок на кои беа дискутирани неколку точки поврзани со актуелната епидемиолошка состојба, беше дискутирано за состојбата со големата кашлица, останати сме на тие два случаи – еден импортиран, еден локален случај. Знаете, од деновите наназад се работи за една девојка родена 1994 година и едно шестмесечно дете. Двата случаи се невакцинирани, во добра состојба“, рече Петличковски.

Тој истакна дека се наоѓаме во период кога во регионот и во Европа се зачестуваат случаите на голема кашлица и посочи дека моментално стоиме на околу 83.9% покриеност со примовакциналната серија, односно со првите три дози кои се примаат во втори, четврти и шести месец по раѓање.

„Тоа не е бројка која ја посакуваме и затоа ги повикуваме родителите кои ја прескокнале вакцинацијата за голема кашлица да ги надополнат овие пропуштени дози, со тоа што на тој начин обезбедуваат најдобра заштита за малите деца на возраст до 2 години. Големата кашлица е најопасна болест за малите деца и вакцинацијата е со таа цел да се намалат ризиците кај нив“, изјави Петличковски.

По однос на состојбата со грип, Петличковски потенцираше дека моментално има зголемување на бројот на случаи споредено со минатата недела и споредено со просечниот број на случаи во минатите 13 години.

„Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на највулнерабилните групи, тоа се повозрасните луѓе над 65 годишна возраст, луѓето со хронични болести. Нив ги повикуваме доколку во минатиот период не завршиле со вакцинација сѐ уште има достапни вакцини во вакциналните пунктови да се заштитат со примање на вакцина против грип. Инаку, болничките капацитети се во форма и загрозување на општата здравствена состојба во моментот не постои. Грипот го надминува бројот на случаи и на ковид. Ковидот е некако во опаѓање, ми се чини дека некаде околу 7% позитивитет на тестовите за ковид во последнава недела имавме, што значи поактуелна состојба, поактуелно прашање за здравствениот систем ни е грипот“, рече Петличковски.

Во изјавата за медиуми, информираше дека сме во сезона на респираторни инфекции и се препорачува задолжително носење маски во здравствените установи, во домовите кои згрижуваат стари лица и од страна на персоналот и од страна на згрижените лица.

„Исто така, препорачуваме забрана на посетите во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица. Од останатите препораки до општата популација стои препораката за совесно делување за тогаш кога ќе се почувствуваат да користат маски, да избегнуваат останати гужви, затворен простор, бидејќи на тој начин може се заштитиме и да ги олесниме евентуално проблемите“, истакна Петличковски.