„Премногу работи се решија во овие седум години. Точно е дека можеби на оваа гарнитура и се замерува дека многу бавно ги прави работите, ги решава работите многу подоцна од она што треба или може, меѓутоа сепак обезбедивме една стабилност, еден прав пат, вистински пат по кој се движи, и решивме крупни прашања кој никој 30 години не сакаше или не можеше да ги реши“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека оваа влада го реши спорот со Грција, донесе некаквата нормализација со Бугарија, членството во НАТО, заокружување на членството во ОН со решавање на спорот и тргањето на референцата ФИРОМ, па се до враќње на демократијата на едно завидно ниво.
„Она на што мислам дека мора да го завртиме фокусот е поефикасни институции, поефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал. Поголемо ниво на транспарентност и политичка и институционална одговорност. Секако спроведување на политиките во зададените рокови и до крај“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека ВМРО-ДПМНЕ четири години имаше стратегија на блокирање по сите основи, а последниот пратенички мандат го одбележа активната блокада.
„Ние успеавме и тоа да го откочиме, да го одбликираме после тешки преговори со новиот деловник во Собранието, таа можност не постои“ рече Маричиќ.