На прашањето „Дали на Скопје му требаат уште споменици дивоградби, или пак модерни згради?“ – повеќето граѓани за анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, велат дека на Скопје не му требаат уште споменици. „Подобро е тие пари да се инвестираат за нешто друго, за здравството на пример“, „Мислам дека треба да обрнат повеќе внимание на загадениот воздух и ред други работи“, велат граѓаните.
За дел од анкетираните доволно има и модерни високи згради, а за дел треба да се градат уште. Тие што се против нови згради, укажуваат дека на Скопје му требаат повеќе паркови, зеленило, игралишта за деца – „Скопје има проблем со протокот на воздух“, „Скопје е веќе угушено во бетон“. Додека други сметаат дека на Скопје му требаат и облакодери, но „не треба да биде начичкано“. „Треба и високи згради, и убави, и модерни“, вели една скопјанка.
На местото на споменикот пред судот, граѓаните сугерираат зеленило или фонтана. „Јас сум за зеленило секогаш“, вели еден студент од Центар: „Дрвата се есенција, не можеме да бидеме без нив“. Граѓанката која предлага фонтана вели: „Фонтана, фонтаните придонесуваат за поубаво „Фенг шуи“, а поубавото „Фенг шуи“ предизвикува подобра психологија“.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“