Економските мерки кои континуирано ги носи владата, по се изгледа даваат резултати. Тоа може да се забележи и по стапката на инфлација која во декември 2023 година се спушти на 3,6%.
Инфлацијата во земјава е намалена за 5 пати во однос на декември 2022 година, кога изнесувала 18,7 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) во декември 2023 година стапката на инфлација изнесува 3,6%, што е за околу пет пати пониска од таа што е беше измерена во декември 2022 година, кога изнесуваше високи 18,7%.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, со мерките кои владата ги креираше како одговор на високите стапки на инфлација, заштитен е животниот стандард.
-Животниот стандард на граѓаните го заштитивме, мерките кои Владата ги креираше и спроведуваше како одговор на високите стапки на инфлација предизвикани од економската и енергетската криза, дадоа мерливи резултати, напиша Битиќи на Фејсбук.
-Успеавме да постигнеме ниска и стабилна инфлација, цените на потрошувачките добра и услуги да растат на умерен и предвидлив начин, со што се создаваат услови и за постепен раст на реалниот доход на сите наши сограѓани, а тоа носи и сигурност на пазарот. Намалувањето на инфлацијата значи и стабилно опкружување за бизнисот, со што се поттикнуваат нови инвестиции и отворање на нови работни места, со достојни плати за граѓаните, додава Битиќи.
Економските политики на Владата освен што доведоа до намалување на инфлацијата, успаа да поттикнат се поголем и поголем раст на платите. Според последните податоци на ДЗС во однос на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2023 година, таа изнесуваше рекордни 38.843 денари, односно истата во однос на октомври 2022 година се има зголемено за 17,3% или за 5.739 денари за една година.
Од СДСМ во денешното соопштение велат дека со постигнување на ниска и стабилна инфлација, економските мерки поттикнаа раст на платите.
-Просечната плата се искачи на највисока вредност досега од речиси 39.000 денари. Со СДСМ ќе продолжат да растат платите и пензиите, како и куповната моќ на граѓаните. СДСМ продолжува со мерки и политики за намалување на инфлацијата и заштита на животниот стандард на граѓаните, велат од партијата.