24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Камери низ повеќе македонски градови ќе почнат да ловат возачи кои возат непрописно, казните ќе стигаат по пошта – Еве што знаеме засега

Новите сообраќајни камери ќе бидат поставени во Скопје, Куманово и Тетово, како и на автопатите, најави денеска на брифинг со новинарите министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Реализацијата е во тек, вели тој, нагласувајќи дека набавката е класифицирана и повеќе информации за тоа ќе бидат соопштени кога ќе заврши постапката.

– Сега се прави надградба на целиот систем којшто ќе се користи и за јавна безбедност меѓутоа и за безбедноста во сообраќајот. Ќе се постават камери во Скопје, во Куманово, во Тетово, низ автопатите во државата и исто така ќе имаме и мобилни системи коишто ќе можат да бидат поставени секаде низ државата. Во тек е реализацијата, оваа набавка е класифицирана, не можам други детали да изнесувам сега, кога ќе се заврши комплетно, ќе го соопштиме тоа што можеме да го соопштиме, информираше министерот Спасовски.

На прашањето дали се внимава на зачувување на приватноста на лицата кои посетуваат обука за полициски службеници рече дека обуките секоја година се прилагодуваат на нови трендови во работењето и дека клучниот сегмент е јакнење на интегритетот и почитувањето на човековите права каде влегува и приватноста. Сепак, додаде Спасовски, постојат лица кои се однесуваат спротивно на нормите, за што говорат резултатите на внатрешната контрола од коишто јасно се гледа како се зголемува бројот на поднесени пријави, суспензии од работа и друго.

За безбедноста на новинарите за време на изборите, министерот Спасовски рече дека се направени низа обуки за безбедноста на новинарите да биде на соодветно ниво.

-Клучно во изборната кампања ќе бидат и носителите на изборната кампања, односно политичките партии, политичките субјекти, за коешто верувам дека повторно ќе се направат средби со раководството на МВР, ќе се разговара со нив и во тој поглед сите да преземеме одговорноста затоа што медиумите се тука да ни помогнат на сите, а не да се пресметуваме со нив, подвлече Спасовски.