27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Подготвени сме за следната фаза од преговорите, за што ни останаа само завршување на уставните измени

„Ние сме подготвени за следната фаза од преговорите, за која неопходно е завршување на обврските од Преговарачката рамка за пристапување на Северна Македонија во членство во Европската Унија, којашто ја усвоивме на 19 јули минатата година. Покрај двата патокази, Патоказ за владеење на правото и Патоказот за реформа на јавната администрација и Акцискиот план за заштита на припадниците на немнозинските заедници, кои денес ќе ги испратиме до Европската Унија, ни останува и завршувањето на уште една клучна обврска, а тоа се уставните измени“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција.

Тој додаде дека тоа е целосно наша, домашна одговорност, на секој нас и особено на секој пратеник во Собранието.

Како што објасни вицепремиерот Маричиќ од Шпанскиот претседавач со КОРЕПЕР, во име на претседателството на ЕУ, Северна Македонија доби писмо со услови под кои може да ги отвори преговорите за Кластерот 1 – Фундаментални вредности.

„Во писмото се наведува дека по завршениот скрининг за Кластерот 1, Европската Унија смета дека може да се предвиди отворање на овој Кластер откако ќе се заврши фазата на пристапните поговори во која ќе бидат подготвени и донесени двете одредници: Патоказот за реформи во јавната администрација и Патоказот за поглавјата за владеење на правото со придружен Акциски план“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека уште во јуни СЕП започна со активности за подготовка на овие документи и сега тие веќе се подготвени, консултирани со ЕК, Собранието, граѓанските организации, академската заедница и денес ќе бидат доставени до Европската комисија.

„Нашата обврска е завршена, институциите ја одработеа домашната задача со посветена и сериозна работа. Ова е историски момент за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европската Унија. Она што недостасува, е последната обврска за да одиме напред, а тоа се уставните измени“ заклучи Маричиќ.