10. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Пуштен во употреба затворениот базен во Струга, инвестициите во спортот се инвестиции во здрави и напредни генерации

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на официјалното отворање на затворениот пливачки базен во Струга, кој по 20 години беше целосно реконструиран. Базенот беше реконструиран со буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,6 милиони евра.

Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:

„Од неколку присутни тука кога влегував слушнав иста реченица, а тоа е – „никој не верувавме дека базенот после 22 години повторно ќе биде направен и ставен во функција“. Им одговорив – Ако се работи, тогаш нема недостижна цел.

Затоа почитувани стружани, стружанки, почитуван директор во ЕСМ, директорот на АСМ, почитуван пратеник и иден претседател на собранието Јован Митрески, почитувани медиуми,

Сакам да се заблагодарам на честа што ми ја направивте јас да говорам прв на отворањето на овој преубав објект и да ви кажам дека навистина ми е драго што денес сум во Струга, особено на еден ваков убав настан и кој е од интерес на граѓаните на Струга но и сите други кои ќе ги користат услугите на овој прекрасен објект.

По цели 20 години, го враќаме повторно она што им припаѓа на Струга и на стружани – затворениот пливачки базен-спомен на многу генерации, кој денеска и официјално се пушта во употреба.

Со буџетски средства во износ од близу 99 милиони денари или 1,6 милиони евра, од корен, целосно го реконструиравме затворениот пливачки базен во Струга, кој беше оставен на забот на времето.

Сите имавме можност да ја видиме видео презентацијата, да видиме како изгледаше овој објект до пред само извесно време, а како изгледа денес, еден преубав, еден од поубавите базени во државата.

Овој базен сега има модерен изглед и повторно ќе биде гордост на Струга и гордост на сите спортисти и љубители на пливањето. Затворениот пливачки базен е целосно реконструиран како дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт – „Изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија“.

Комплетно е реконструирано базенското корито, машинскиот дел, електричната инсталација на делот од соблекувалните, фасадниот дел и покривот, а дограден е и мал помошен базен.

Како и во сите други сфери, вложуваме и во спортските објекти, меѓу нив и базените.

Во следниот период нови шест општини ќе добијат затворени пливачки базени. Во тек е изградбата на базените во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кичево, Битола, Карпош и Штип, чијашто изградба треба да заврши во текот на 2024 година. Во наредните две години базени ќе добијат и Струмица и Кавадарци, додека новиот базен во Тетово е завршен и предаден на Општината.

Вредноста на базените поединечно изнесува околу 48 милиони денари или над 780 илјади евра.

Покрај овие базени, Агенцијата за млади и спорт го гради и затворениот пливачки базен во Охрид, со вредност од 300 милиони денари или над 4,8 милиони евра. Со тоа, вкупната вредност за изградба на затворените базени во целата држава изнесува близу 12 милиони евра.

Затворените пливачки базени ќе бидат можност за развој и на професионалното и на рекреативното пливање, а во насока на негување на спортскиот дух.

Инвестициите во спортот се инвестиции во здрави и напредни генерации.

Драго ми е што тука гледам многу дечиња кои ќе го користат овој базен,

Ги поттикнуваме спортските потенцијали кај младите и кај сите граѓани. Затоа и инвестираме во спортските објекти. Градиме спортски сали во училиштата, ги реновираме кошаркарските игралишта, го заживуваме спортот насекаде.

Затоа и дел од буџетските средства во износ од 32,5 милиони евра, кои неодамна ги пренаменивме за општините за проекти на локално ниво, се наменети и за реализација на проекти од областа на спортот.

На крајот, сакам да се заблагодарам на Агенцијата за млади и спорт, на директорот Мојсоски за реализација на овој базен, како и на општините кои ги обезбедија сите потребни дозволи, документации и сè што беше од нивна страна потребно за овој проект да биде завршен навреме и да може денес да го пуштиме во употреба. Сакам да се заблагодарам на ЕСМ. Да се заблагодарам и на министрите во Владата кои го поддржаа овој проект и пред сè благодарност до Стружани кои не се откажаа од идејата Струга повторно да има модерен базен.

На стружани им посакувам тука да нижат спортски успеси и да уживаат во благодетите на пливањето а мислам дека поубав новогодишен подарок за Струга нема од овој затворен пливачки базен“.