25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Бектеши во „Студио 10“ на ТВ 24: Се грижиме за заштита на стандардот на граѓаните, платите пораснаа за 15%, а инфлацијата е 3%, “гарантираната цена“ ќе продолжи и во јануари

Мерката „гарантирана цена“ најверојатно ќе продолжи во маркетите низ земјата најмалку уште еден месец, односно и во текот на јануари.Замрзнатите цени на дел од основните прехранбени производи ќе се применуваат додека не биде изгласан од страна на Собранието Законот за нефер трговски практики кој минатата недела, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата.

Ова денеска го најави министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.

Одлуката за “гарантирана цена“ е предвидено да заврши на 31 јануари, односно до крајот на годината, за што министерот Бектеши најави дека на следната седница на Владата, согласно анализите ќе предложи истата да се продолжи најмалку уште еден месец.

“Денеска со секторот за трговија ќе го имаме финалниот состанок и согласно податоците кои ги видовме, ќе продолжи мерката најмалку за еден месец, бидејќи нема да може Законот за нефер трговски практики да започне да се применува на почетокот на следната година. Тоа значи дека во јануари ќе важат мерките за гарантирана цена и да се надеваме дека Собранието ќе го усвои Законот за тој да почне да се применува од почетокот на 1 февруари, кажа министерот Бектеши и додаде дека конечната одлука за загарантираните цени ја носи Владата по предлог на Министерството за економија.

Според Бектеши, овој нов закон, кој ги регулира односите помеѓу произведувачите, дистрибутиерите и продавачите и со тоа ќе се намалат цените, така што нема да има потреба понатаму да трае мерката со замрзнати цени.

Министерот Бектеши кажа дека освен мерките од деветтиот пакет мерки, Министерството за економија дизајнираше нови мерки кои граѓаните и компаниите ќе ги почуствуваат од почетокот на следната година. Тоа се мерки кои Министерството за економија ги реализира изминатите неколку години во делот на обновливи извори на енергија, поддршка на најранливите категории и поддршка на претприемачите, но сега конкретно таргентирани за оние на кои им се најпотрбни.

“Со мерките на Министерството за економија исто така е предвидено да се субвенционираат уреди за греење и ладење, одредени граѓани ќе добијат и до 350-400 евра,станува збор за над 10.000 граѓани, ќе ги субвенционираме студентите со ваучери до 350 евра за туризам, ќе ги покриеме одредени трошоци за малите и микро претпријатија клучни за нивното тековно работење за да можат да влезат во идни инвестиции. Овие мерки ќе започнат да се реализираат од средината на јануари и за нив се предвидени над осум милиони евра“ појасни министерот Бектеши.

Во однос на очекувањата за во наредниот период и новите предизвици на економски план, министерот Бектеши порача граѓаните да бидат спокојни, мерките кои досега беа донесени и кои се предвидени дополнително ќе гио заштитат стандардот на најранливите категории.

“Граѓаните да бидат спокојни поради тоа што Министерството за економија веќе има искуство со мерките за заштита и подобрување на стандардот на граѓаните почнувајќи од пандемијата, па до денеска. Северна Македонија можеби е единствена од земјите на Западен Балкан која успеа да го задржи животниот стандард на граѓаните, посебно на ранливите категории. Само во нашата држава има поголемо зголемување на просечната и минималната плата отколку што има зголемување на инфлацијата. Тоа со економски речник значи дека кај одредени категории на граѓани е зголемен животниот стандард. Токму затоа мерките кои ги носевме се таргентирани за оние кои им се најпотребни. Во моментот имаме инфлација од 3% вкупна, а во делот на храната имаме и намалување во одредени месеци, а зголемување на платата за 15%, што значи дека одредени категории на граѓани имаат и подобрен стандард. Затоаод декември и во текот на следната година, со деветтиот пакет мерки решивме да ги поддржиме пензионерите, учениците и студентите во чии семејства има приходи до 50.000 денари и примателите на социјални давања“, кажа министерот Бектеши.

Министерот Бектеши додаде граѓаните не треба да се грижат дали ќе има леб или не.

“Не треба да се плашиме за леб. Ние тоа успеавме да го изменаџираме и во најтешките кризни периоди. И цените на електричната енергија се помали одошто на почетокот од годината, а сега е воведена и евтина тарифа. Сега ќе се направи и измена во тарифата за мрежарината оти има домаќинства кои плаќаат мрежарина повисока од потрошената струја. Тука ќе има измени, ќе се олесни за оние кои имаат потреба, а оние кои се побогати и имаат вили ќе плаќаат мрежарина за сите објекти“, кажа министерот Бектеши.