28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Станкоски: Државата ги обезбеди сите услови за повисока цена на тутунот, на ред се откупувачите

„Одредени откупни компании имаат истакнато некое известување дека доколку се зголемеле цените, и тие ќе им доплателе. Сметам дека сакаат тутунарите да ги доведат во заблуда. Во Законот за тутун се вели дека има можност да се зголемат цените доколку има некои вонредни или неочекувани ситуации во текот на производството и на откупот. Со официјален анекс се решава и може да се зголемат цените по класи. Тоа што го истакнуваат некои фирми е небулоза. Тоа е и малициозно однесување спрема тутунарите. Да бидат сериозни и може да ги зголемат цените по класи. Апелирам тутунарите да не подлегнуваат на такви дејанија“ рече директорот на Државниот инспекторат за земјоделие Јане Станкоски.

Тој додаде дека откупот на тутунот зависи од откупувачите и апелираше до нив да ги зголемат цените по класи и да не манипулираат со тутунарите.

„Откупот на тутунот официјално започна на 15 декември, сите пунктови се отворени и имаме регистрирани 263 откупни пунктови со 280 ваги. Досега има откупено преку 500 тони тутун, што сметам дека за овој период на откупната сезона е малку“ рече директорот на Државниот инспекторат за земјоделие Јане Станкоски.

Директорот на инспекторатот за земјоделие кажа дека очекува веќе од следната недела да се интензивира откупот на тутун и да се заврши сезоната како и претходните реколти.

„Има информации дека родот е намален. Има склучени околу 30 илјади договори за 26,5 илјади тони тутун. Но се очекува, јас лично очекувам 15 илјади, а некои зборуваат и за 13 илјади тони. На крајот ќе видиме колкава ќе биде бројката“ рече Станкоски.