26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Царинска управа: Започнуваат подготовките за имплементација на системот со грант од 4,8 милиони долари од Кореја – целта повеќе приходи во Буџетот и сузбивање на организираниот криминал

Повисоки приходи во Буџетот, а со тоа и повеќе пари за здравство, инфраструктура и образование, како и сузбивање на организираниот криминал е целта на новиот систем за унапредување на анализата на ризик и податочен склад во Царинската управа што ќе се имплементира со грант од Република Кореја. Неделава започнаа подготовките за имплементација на проектот, при што високи раководни лица од корејската Царина кои ќе менаџираат со проектот се во посета на Царинската управа. Во рамки на посетата од нивна страна беше презентирано како функционира системот за анализа на ризик преку користење вештачка интелигенција и управување со големи сетови на податоци во корејската Царина. Воедно беше презентирано и функционирањето на царината во областа на е-трговијата, при што посебно се осврнаа на начинот на контрола и селекција на пратки како клучно во борбата со нелегалната трговија и царински измами.

Зајакнување на контролите по царинење и користење на вештачка интелигенција која ќе користи голема база на податоци за селекција на сомнителни декларации, ќе овозможи подобро таргетирање декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката.

За имплементација на системот Царинската управа добива грант од 4,8 милиони долари од Владата на Република Кореја за што беше потпишан и Меморандум за соработка. Одлуката за доделување грант од 4,8 милиони долари следеше по неколку месечна анализа на работењето на управата по што беше одлучено дека како лидери во регионот грантот треба да биде доделен на Царинска управа на РС Македонија.