Дека враќањето на украдените икони од Албанија во Северна Македонија е чекор од големо значење за соработката и зачувување на културното наследство во регионот говори и фактот што оваа вест доби свое место во регионалните и светските медиуми.
Во медиумите беше пофалена соработката помеѓу двете влади, која овозможи да се оствари враќањето на 20 украдени икони.
Како што кажа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска ова е прво вакво враќање на украдено културно и историско наследство во регионот. Таа додаде дека ова е важно не само од политички аспект, туку и од аспект на почитување на меѓусебното културно наследство.
„Последните две години работевме на процесот за враќање, кој беше долг и комплициран. Но, за среќа, стручниот тим кој беше инволвиран во нивното препознавање и зачувување беше од огромно значење“ рече Костадиновска-Стојчевска.