Денеска, на хелиодромот на Општа болница Битола, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со министерот за здравство, Фатмир Меџити, заменик министерката за здравство, Маја Манолева, како и директорот на Градска Општа болница „8-ми септември”, Христијан Костов, присуствуваа на презентација на медикоптерот од Одделот за воздухопловни единици при МВР, во кој е инсталирана новата опрема за итна медицинска помош, а со цел да се уверат и да презентираат пред јавноста, како функционира и во пракса овој заеднички пилот проект на МВР и Министерството за здравство, со специјална опрема за извршување летови за меѓу-болнички транспорт.
„Денеска ми е особено чест и задоволство што заедно испишуваме историја. Од моментот на основањето на современата македонска држава до денеска немавме ресурси да го вршиме транспортот на пациенти по воздушен пат. Ова е нешто што сакаме да го промовираме и е исклучиво во интерес на граѓаните”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите. Притоа, тој ја потенцираше соработката со словенечката полиција која овозможи да се инсталира медицинската опрема.
„Изминатиов период Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Словенија остварија значителна соработка во областа на воздухопловството. Како резултат на таа соработка хеликоптерската единица на словенечката полиција донираше различна опрема за извршување на специјализирани воздухопловни операции меѓу кои и специјална опрема за извршување на летови за меѓу-болнички транспорт”, рече министерот Спасовски во изјава за медиумите. Притоа, тој појасни дека опремата е компатибилна на двата хеликоптери марка Бел кои ги користи Одделот за воздухопловни единици и истата се состои од медицински пакет кој овозможува транспорт на пациентот и целата медицинска опрема потребна за пациентот за време на летот. Монтажата и демонтажата на медицинскиот пакет е процес кој не одзема многу време т.е за десетина минути хеликоптерот може да се доведе од било која конфигурација во конфигурација за меѓу болнички транспорт и обратно.
Истакнувајќи дека целта на овој систем е значително да се скрати времето на транспорт на високо ризични пациенти од помалите и подалечни болнички установи до поголемите медицински центри во Скопје, Спасовски рече дека времето потребно за транспорт на пациент од најдалечните медицински установи би се скратило од период на неколку часа со амбулантно возило на период од 40-тина минути со хеликоптер.
„Со ова се придонесува за подобрување на животниот стандард и безбедност нa граѓаните на Република Северна Македонија, намалување на смртноста на лицата кои се жртви на несреќи, подобрени клинички резултати за сериозно повредените, намалено време на транспорт до болница, лекување од страна на специјализирана медицинска екипа на самото место и за време на транспортот на пациентите, и подобрена достапност на здравствените услуги на високо ниво до поголем дел од населението”, истакна Спасовски.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, истакна дека брзиот транспорт е од голема важност за итните случаеви.
„Со оваа соработка меѓу двете Министерства, овозможуваме заедничко дејствување на припадниците на хеликоптерската единица при МВР и здравствените установи, односно употреба на хеликоптер за транспорт на пациенти.Брзиот транспорт на пациентите е исклучително важен во ургентни состојби. Првиот час по настанување на критична здравствена состојба, ние лекарите го нарекуваме „златен час“. Токму во тоа време соодветна интервенција значително ги подобрува шансите за позитивен исход. За сите тие медицински состојби, сега имаме ултрабрз транспорт”, рече министерот Меџити во изјава за медиумите.