Наставници од средни училишта во Македонија учествуваа на еднодневна работилница на Технолошко-Металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје на која добија детални информации за организирање на претстојниот традиционален натпревар за материјали и нано-материјали. Во овој натпревар, кој се организира од 2013 година, учествуваат ученици од 3 и 4 година од сите средни училишта во државата.
„Со организацијата на ваков тип настани сакаме да ги мотивираме младите, учениците и нивните ментори, професорите проактивно да се вклучат во размислување и смислување нови идеи и пракси за употреба на материјалите. Задоволни сме од одзивот на наставниот кадар, кој не следи при организацијата на овој натпревар и заеднички со него, ги поттикнуваме учениците да ја разбудат и ефектуираат својата креативност и идеи“, рече деканот на ТМФ, Стефан Кувенџиев.
Тимовите се составени од 2 до 3 ученика и професор – ментор, кои осмислуваат идеи за одредена примена на материјали, како што се наноматеријалите, паметните материјали, хибридните материјали, металните и керамичките материјали, полимерните, текстилниите и биоматеријалите, потоа биоразградливите материјали, композитните и рециклирачките материјали.
„Натпреварот го организираме секоја година од 2013 година, освен во време на корона пандемијата. Даваме конкретни теми на кои може да работат ученичките тимови под водство на професор – ментор. Традицијата покажува дека учениците имаат одлични креативност во изработка и презентирање на нов материјал и осмислување на нивната примена. Верувајте, станува збор за фантастична обработка на некоја идеја. И конечно, учениците, како што кажуваат нивните родители, го користат компјутерот не само за играње игри, туку за пронаоѓање креативни идеи каде може да се употреби одреден материјал“, објаснува Анита Грозданов, професор д-р од Технолошко-Металуршкиот факултет, одговорна за организација на овој натпревар.
Ученичките тимови подготвуваат проект за материјали и избраната идеја ја презентираат пред стручна комисија, која ги наградува најдобрите идеи. Во текот на годината се организираат регионални натпревари (во неколку региони) и Републички натпревар.
„Сите досегашни победници се инженери кои оствариле високо достигнувања во науката или во практиката. Голем дел од нив се носители на признанието Инженерски прстен, дел од нив продолжуваат во науката, додека дел од нив даваат сериозен придонес во развојот на македонското стопанство, но и во развојот на разни светски компании“, додава Грозданов.
Натпреварувачите добиваат прва, втора или трета награда на регионално ниво, потоа прва, втора или трета награда на државно ниво и сертификати со кои може да аплицираат за одредена стипендија. Добиените државни награди и сертификати се признати од Министерството за образование и наука.
Натпреварот е под акредитација на Здружението на металурзи на Македонија. Актуелниот претседател, професор д-р Горан Начевски, објасни дека ова здружение, во изминативе 25 години, работи на унапредување на металургијата, дообразување и зголемување на знаењата на инженерско-техничките и другите стручни металуршки кадри, претставување на металуршката струка, наука и еснаф и организација на разни семинари, симпозиуми, стручни и научни советувања. Здружението, секако, во целост го поддржува и овој натпревар на учениците и професорите.
Натпреварот се организира под покровителство на Министерството за образование и наука.