24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Кога ЕУ нѐ поддржува, ние победуваме, кога ние победуваме, Европа победува

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на Брисел, денеска присуствуваше на работен состанок на европски лидери членови на Партијата на европски социјалисти, на кој беа присутни повеќе лидери на европски земји меѓу кои и премиерот на Шпанија Педро Санчез, премиерот на Португалија Антонио Коста и премиерот на Косово, Албин Курти, како и високи претставници на ЕУ, потпретседателите на Европската комисија, Марош Шефчовиќ и Жосеп Борел, комесарите Паоло Џентилони, Николас Шмит и Елиса Фереира и др.

Се работи за редовен состанок на лидерите на кој се разговара за актуелни прашања на дневен ред на ЕУ, во функција на координирање на ставовите во пресрет на состанокот на Европскиот совет.

На состанокот, Ковачевски изрази благодарност за континуираната поддршка која Северна Македонија ја добива од европските социјалисти, кои се гласни поддржувачи на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Анализирајќи ги изминатите три децении период полн со предизвици низ кои помина нашата земја, Ковачевски истакна дека прогресивната политика на Владата на СДСМ ја извади Северна Македонија од мрачното сценарио на национализам, назадување и изолација на земјата.

Сега земјата е исправена пред нов предизвик, двоен изборен процес на кој ќе се избира претседател на државата и идна влада, која како што истакна Ковачевски, во обраќањето, мора да биде европска и прогресивна. Ако европската агенда не надвладее, мрачното сценарио ќе ги врати земјата и регионот во неизвесни води, во изолација. Северна Македонија тоа еднаш го помина и тоа не смее да се повтори.

Ковачевски посочи дека Владата изминативе неколку години, со конструктивен дијалог и демократски политики ги реши споровите и земјата стана членка на НАТО. Напредокот на Северна Македонија не беше само на меѓународен план, Владата ја зголеми минималната плата и социјалниот пакет, а ја намали и невработеноста.

Ковачевски во своето излагање упати порака дека ЕУ не треба да се откаже од својот успешен надворешно-политички инструмент насочен кон мир и промовирање реформи. Интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ ќе биде гарант и за стабилноста на Западен Балкан. „Кога ЕУ нѐ поддржува, ние победуваме. Кога ние победуваме, Европа победува”, истакна Ковачевски.

Во своите обраќања, присутните лидери од партиите на европските социјалисти говореа за геостратешките предизвици на Унијата и ја истакнаа нивната силна поддршка за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.