28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Целеска од Народната банка: За декарбонизација се потребни значителни инвестиции, важно е банките да бидат вклучени и отпорни

Банкарскиот систем ќе има важна улога во процесот на преминување на домашната економија кон новиот модел за одржлив раст. Но, климатските промени се исто така и извор на ризици за финансискиот сектор. Активностите на централните банки се главно насочени кон градење отпорност на банкарскиот систем на ризиците поврзани со климатските промени, со што полесно ќе го поддржи преминувањето кон зелена економија, посочи директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки, Фросина Целеска, на панел-дискусијата во рамките на Втората конференција на ЕСГ, организирана од Американската стопанска комора (Амчам).

Целеска истакна дека Народната банка во целост го препознава значењето на климатските ризици, а од 2020 година активностите поврзани со климатските промени ги поставува и како стратегиски приоритет. Во изминатиот период се преземени повеќе активности од Народната банка за оваа цел, меѓу кои и членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (глобална мрежа на централни банки и супервизорски органи за споделување на најдобрите практики), понатаму членството во Виенската иницијатива за климатски промени, спроведувањето на Анкетата за климатските промени на сите банки и штедилници во земјата. Други активности се и објавувањето на податоците за т.н. „зелени кредити“, промената кај инструментот задолжителна резерва за банките за поттикнување на „зеленото“ кредитирање и регулаторните барања преку Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик (со која се воведе обврска за банките да ги вградат ризиците поврзани со климатските промени во управувањето со кредитниот ризик) и Одлуката за објавување податоци и извештаи од страна на банките, поврзана со редовното објавување податоци и информации за изложеноста на ризиците поврзани со климатските промени и ризиците од ЕСГ.

Со усвојувањето на Среднорочниот план за периодот 2023 ‒ 2025 година, Народната банка воспостави сеопфатна, систематична и конзистентна рамка за управување со ризиците од климатските промени низ призмата на централната банка. Планот, меѓу другото, предвидува и активности за промена на супервизорскиот пристап, со постепено вклучување на климатските ризици во оцената на профилот на ризичност на банките, но ја нагласува и важноста на координацијата на активностите во земјата и потребата за соработка со други државни институции и тела. „Спроведувањето на Среднорочниот план ќе придонесе за подобро разбирање на климатските ризици, нивно вградување во анализите на банкарскиот систем и на монетарната политика и градење отпорен банкарски систем којшто ќе може да го поддржи преминувањето на економијата кон зелен и одржлив развој“, заклучува Целеска.