21.8 C
Скопје
19. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Латвија, Елита Кузма

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Елита Кузма, новоименуваната амбасадорка на Република Латвија во Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма посочи дека двете земји негуваат пријателски и партнерски релации, а блискоста и довербата се втемелени како константа во односите. Тој истакна дека Република Латвија е важен партнер на Република Северна Македонија и изрази убедување дека пред двете земји претстои успешен период и натамошно унапредување на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Претседателот Пендаровски, изразувајќи огромна благодарност за латвиската безрезервна и гласна поддршка за македонската евроинтеграција, рече дека влезот на Северна Македонија, но и останатите земји од Западниот Балкан во Унијата, дополнително ќе ги стабилизира состојбите во регионот, којшто долги години е мета на влијанија од земјите коишто не ги споделуваат заедничките вредности на демократијата и додаде дека нашата земја придава големо значење и на силните партнерски односи коишто ги негуваме во рамки на НАТО, особено во време кога се соочуваме со сериозни глобални безбедносни предизвици.

Амбасадорката Елита Кузма во својот говор рече дека Латвија високо ги цени силните и пријателски односи и дијалог со Северна Македонија и оцени дека двете нации негуваат цврсто пријателство засновано на заемна доверба и почит. Таа посочи дека соработката се одвива и билатерално и мултилатерално, како докажани партнери во Европската Унија и НАТО. Амбасадорката Кузма рече дека Латвија го поддржува натамошниот напредок во процесот на пристапните преговори, ценејќи го целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Таа ја изрази нивната подготвеност за продолжување на обезбедување експертиза и практична поддршка, вклучително и тековна обука на професионалци за европското право и економија и ги поздрави тековните напори што ги прави Северна Македонија во насока на европската интеграција.

Претседателот Пендаровски на амбасадорката Кузма и посака успешно извршување на значајната, благородна и одговорна функција.