24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Градиме модерна држава, Северна Македонија е веќе фактор на стабилност, нашиот пат е интеграција, а не изолација

„Успеавме да ја изградиме Северна Македонија во фактор на стабилноста и безбедноста во регионот. Владата која ја предводам ја избра опцијата на интеграција, а не изолација. Одбравме да бидеме дел од безмалку една милијарда луѓе, кои живеат со заеднички демократски вредности и се грижат за светскиот мир како дел од воено-политички сојуз кој на светската сцена е супериорна, силна и економски доминантна организација. Ја зацврстивме нашата безбедност, сигурност и сега е време Северна Македонија со забрзани чекори да го изоди и патот на евроинтеграциите, патот на зацврстување на нашите евроатлантски позиции и исполнување на нашите долгогодишни стратешки цели“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачески, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Осврнувајќи се на регионалниот состанок на лидери на НАТО сојузници, како и на средбите со високи претставници на САД и ЕУ, премиерот Ковачевски потенцира дека поддршката е огромна.

Годините на изолација се зад нас, смета премиерот Ковачевски и оцени дека оваа Влада гради имиџ на модерна држава, која пред себе има една цел, а тоа е членството во ЕУ.

„Ние сме Влада за која меѓународната заедница смета дека ја зацврсти демократијата, го зацврсти владеењето на правото, постигна напредок во клучните реформи, ги ослободи медиумите од каков било политички притисок и влијание и всушност гради либерална економија која доликува на земја која треба да биде дел од големото европско семејство“, рече премиерот Ковачевски, посочувајќи и на скрининг процесот.

„Тоа се гледа и од скрининг процесот. Имаме квалитетни презентации во сите поглавја, a коментарите од страна на Европската комисија, се одлични. Северна Македонија има добар процент на усогласеност во правната рамка, во носењето на законите. Извештајот на скрининг процесот ќе ни биде патоказ со кој ќе го зајакнеме фокусот во реформата на јавната администрација, механизмите за владеење на правото и механизмите за легистративата за борбата против корупцијата“.

Премиерот Ковачевски нагласи дека Владата не дозволила внатреполитичките спорови да ги стават на страна реформите потребни кон приближување на стандардите на ЕУ или на кој било начин да го попречат процесот на скринингот.

„Тоа е процес кој е почнат и нема да застане. Затоа што нашите граѓани заслужуваат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард, заслужуваат идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, со пасоши на туѓи држави тоа да биде тука, дома, во Северна Македонија.

Членството во ЕУ е нашата цел и ние немаме друга алтернатива. Дали ќе бидеме таму набрзо, зависи само од нас, односно од сите политички партии, од сите политички актери во оваа земја, кои имаат одговорност пред народот да испорачаат резултати на патот кон ЕУ. Веќе нема простор за изговори и веќе нема простор за лажење. Бидејќи веќе се издефиницира кој е за европска интеграција, а кој е за изолација“, предочи премиерот Ковачевски на денешната собраниска седница.