Заменик претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ се обрати на денешната Конференција посветена за жени ромки и патнички.
За почеток во изјавата Маричиќ истакна дека основните принципи на програмата на коалицијата што ја предводи овaa Влада е стратешката определба да гради општество еднакво за сите.
„Определба на оваа Влада е да се работи на една од најранливите групи, а тоа се ромите, група која заслужува посебно внимание, група која што е една од столбовите на нашиот мултикултурен модел. Затоа е важно како Влада, се што правиме и планираме да правиме, да биде во правец за подобрување на интеграцијата на ромите во општеството. Само така може да градиме кохезивно општество со континуиран економски и одржлив развој во кое граѓаните без разлика на која етичка група припаѓаат да се чувствуваат еднакви, вклучени со еднакви можности за личен развој.
Вицепремиерот Маричиќ ја потврди силната политичка волја за целосна имплементација на стратегијата за вклучување на Ромите и жените Ромки како посебна категорија. .
„Во оваа насока заеднички работиме на подобрување на благосостојбата на Ромите, квалитетот на живот и нивна интеграција во македонското општество, а преку него и во поширокото европско семејство.
Само така ќе ги оствариме целите од стремежот да градиме кохезивно општество и општество со континуиран економски и севкупен одржлив развој, во кое граѓаните, независно на која етничка заедница и припаѓаат, се чувствуваат безбедни и имаат еднакви можности за личен развој и напредок.“
„Определени сме да ги следиме и сите европски препораки. Важно е политичкото учество на граѓаните Роми во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите во Северна Македонија. Овој позитивен модел што го применува нашата земја е пример во регионот и пошироко.“ – рече Маричиќ.
За решавање на приоритетните прашања за граѓаните Роми, ги ставивме во функција ресурсите од централниот буџет и донаторските средства. Сите овие политики даваат видливи резултати и тие се нотирани и во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата.
Маричиќ во таа насока ги спомна законодавните активности за зајакнување на превенција од кривични дела на расизам и за унапредување на правото на Ромите до пристап до правдата, преку механизмот на Бесплатната правна помош.
„Ги донесовме измените на Законот за матична евиденција, на Законот за пријавување на местото на живеење и Законот за лична карта и со тоа го отворивме патот кон решавање на сите познати случаи на бездржавјанство и исполнување на меѓународните обврски на државата.“
„Во извештајот на Европската комисија се констатира дека прекинувањето на бездржавјанството може да има значително позитивно влијание врз засегнатите Роми и општеството како целина.Постигнат е одреден напредок, за нас се прифатливи сите укажувања за натамошни напори за целосно унапредување на инклузијата и на заштитата на Ромите.“
„Овие цели за еднакви права и достоинствен живот за сите, се пред сѐ желба, да ја јакнеме инклузивноста во македонското општество затоа што тоа е патот до успешна, заедничка Република Северна Македонија, дом за сите, достоен член на Советот на Европа но и иден член на Европската Унија до 2030 година.“
На конференцијата учество земаа и Бјорн Берге, заменик генералниот секретар на Совет на Европа, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и други високи претставници.