„Ве информирам дека утре, ќе биде испратена покана за лидерска средба до сите претседатели на парламентарните политички партии како и до Претседателот на Собранието. Средбата ќе биде закажана за понеделник и на истата ќе се разговараме за евроинтеграцијата на Северна Македонија, за одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР“ рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој додаде дека граѓаните заслужуваат подобра, побогата иднина, подовбар животен стандард и идните генерации заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, но наместо тоа да биде некоја друга земја, тоа да биде дома, во Северна Македонија.
„Нашите граѓаните не заслужуваат и не сакаат статус кво и нашите граѓани не заслужуваат повторно изолација каква што гледавме 11 години. Членството во ЕУ е нашата цел и ние немаме друга алтернатива. Дали ќе бидеме таму набрзо, зависи само од нас, и тоа зависи од сите нас, односно од сите политички чинители во оваа земја, кои имаат одговорност пред народот да испорачаат резултати на патот кон ЕУ без изговори“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека евроинтеграциите се многу важни за економскиот развој на државата, бидејќи овозможуваат пристап и до финансиски средства меѓутоа и развој на економијата, развој на социјалната сигурност и развој на демократијата.