15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Работниците се силата на економија, ќе се субвенционираат придонесите за зголемување на платите од 3 до 9 илјади денари

„Работниците се силата на економијата и на целото општество. Во овој пакет мерки обезбедивме финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари“ рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција.

Тој додаде дека исто така продолжува и поддршката за јавниот сектор со предвидени 14,9 милиони евра.

„Во соработката со Светска банка, предвидени се поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја. За оваа цел се издвоени 10 милиони евра“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека покрај со антикризните мерки продолжуваат и системските мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетската криза за што се предвидени 516 милиони евра и тоа 189 милиони во 2023 година, и 327 милиони евра во 2024 година.

„Од нив, 36,2 милиони евра за зголемувањата на платите во јавниот сектор преку усогласување со порастот на минималната плата и тоа за 2023 година. 52 милиони евра се обезбедени за зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, односно пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За истата мерка која предвидува покачување на платите, во 2024 година се предвидени 150 милиони евра“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека за 2023 година обезбедени се и 100 милиони евра финансиски средства за исплата на зголемени пензии за над 338.000 пензионери.

„За 2024 година, за пензионерите и покачувањето на пензиите, согласно методолгоијата, одвоивме 178 милиони евра. Затоа што пензионерите заслужуваат достоинствена старост и затоа што заслужуваат системски решенија со кои континуирано ќе им растат примањата“ рече Ковачевски.