25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Брза железничка линија Скопје – Ниш – Белград: Ковачевски по потпишаниот меморандум

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, имаше заедничка прес-конференција со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, по билатералната средба и потпишувањето меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси помеѓу Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија и Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија“.

„Денеска, во рамките на иницијативата ‘Отворен Балкан’, министрите за транспорт и врски бевме сведоци дека се потпиша меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси. Овој меморандум за соработка се однесува на железничката линија, која треба да ги поврзе Атина – Солун – Скопје – Ниш – Белград – Загреб – Љубљана – Салцбург. Секако, со крак кон Будимпешта. Конкретно зборуваме за делницата Скопје – Ниш – Белград и секако за кракот што во Скопје ќе се поврзе со Меѓународниот аеродром во Скопје. Се работи за пруга што треба да се изгради во должина од 50-ина километри на територијата на Република Северна Македонија во првата фаза, а интенцијата е, како што кажа и премиерката на Србија, Коридорот 10 комплетно да биде изграден со нова пруга која ќе биде од Скопје до Солун, потоа од Солун до Пиреа и Атина“, рече Ковачевски.

Како што додаде, комерцијалната брзина на оваа пруга ќе биде најмалку 160 km/h, а Министерството за транспорт и врски на Србија разговара и за зголемување на оваа брзина преку документација што се прави во Србија за патничките возови, што ќе овозможи навистина брз проток на она што на Балканот не сме го имале, а што сме го гледале во земјите од Западна Европа.

„Во следните две недели владите ќе формираат работна група, која ќе изготви план со активности со динамика на реализација на овој проект. И ова е почетна точка, од каде што се планира да почнеме со модернизација на железничкиот систем во државата. Коридорот 10 за нас е важен европски коридор и неговата реконструкција е повеќе од неопходна за да ја одржиме конкурентската позиција во регионот и, генерално, преку брзата пруга да го развиваме целиот регион. Ова е уште една можност во рамките на регионалната инцијатива да овозможиме брз транспорт на стока и услуги не само во земјите во Западен Балкан туку и кон земјите членки во ЕУ. Со ‘Отворен Балкан’ сакам да потсетам и на други придобивки што ги направивме, а тоа е преку синхронизирање и признавање соодветни сертификати и друга документација ги подобривме брзината и ефикасноста на транспортот на стоки, а со тоа ја зголемивме и конкурентноста на регионот“, додаде Ковачевски.