23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Во Гевгелија го нема ветениот градски базен, го нема новиот спортски центар, но има зголемени сметки за граѓаните за 100 проценти

Новата локлна власт во Гевгелија може да се пофали со зголемени сметки за комунални услуги за 100 проценти и со маркици за нови згради без почитување на основните параметри за урбано живеење во здрава и хумана средина, обвинуваат од СДСМ.

Во предизборната програма беа ветени многу проекти, но и покрај тоа што помина половина од мандатот, ниту еден проект од програмата не е исполнет.

Ветен беше нов градски базен, но не е направен. Ветувања имаше и за обнова на спортската сала Партизан, но и тоа не е исполнето.

Го нема ниту ветениот нов спортски центар Топлик, а не е исполнето ниту ветувањето за здрав оброк за секое дете.

Гевгеличани најмногу се жалат на она што е „исполнето“, а не е ветено во програмата, како на пример зголемувањето на сметките за комунални услуги за 100 проценти.

Како што обвинија денеска од СДСМ во Гевгелија се наплаќа и услуга која не се врши, „прочистување на отпадни води од домаќинства и фирми“ а пречистителната станица – проект по светски стандарди, изработен и реализиран во време на СДСМ – воопшто не работи!

Според партијата, се удира по џебот на народот и со наплаќање секој месец на „трошоци за баждарење водомер“, а никој не баждари водомер секој месец.

Во исто време кога општината, односно граѓаните на Гевгелија ДПМНЕ ги задолжи со нови 650 илјади евра. Оваа мерка не беше ветена – но беше остварена, велат од СДСМ.

Миле Атанасов, претседател на ОО СДСМ Гевгелија на денешната прес-конференција изјави дека општината во една брза, нетранспарентна постапка, без учество на јавноста, вовела наплата на зонско паркирање без да понуди реална, одржлива, рационална алтернатива за граѓаните.

-Целите на мерката не се воопшто јасни, одлуките имаат мал милиони недостатоци, што единствено води до заклучокот за заткулисни интереси. Тоа беше уште една неветена, но реализирана мерка, чиј товар граѓаните тек допрва ќе го почувствуваат на свој грб, а за нечии туѓи интереси, рече Атанасов.