24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ММФ: Народната банка соодветно ја затегна монетарната политика и придонесе за значително забавување на инфлацијата

„Народната банка презеде соодветни мерки за затегнување на монетарната политика коишто осигурија преполовување на инфлацијата во однос на ланскиот максимум“, се наведува во завршните согледувања на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), којашто од крајот на октомври, досега, престојуваше во нашата земја како дел од редовните консултации коишто произлегуваат од членството на земјава во ММФ, како и во рамките на дискусиите околу Првиот преглед на кредитната линија за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ). „Ваквата поставеност придонесе и за одржување на стабилноста на девизниот пазар, којашто беше надополнета и со преземените макропрудентни мерки, преку кои се зајакнува отпорноста на банкарскиот сектор, којшто и натаму е стабилен и ликвиден“, се наведува од страна на Мисијата.

ММФ посочува дека во изминатите осумнаесет месеци, Народната банка соодветно ја затегнуваше монетарната поставеност, што доведе до забавување на кредитниот раст и намалување на вкупната и базичната инфлација, коишто се намалија за повеќе од половина во однос на максимумот постигнат лани, при истовремено стабилизирање и на девизниот пазар. Сепак, се истакнува дека постојат нагорни ризици за инфлацијата во следниот период, коишто се поврзани пред сѐ со евентуалното опстојување на досегашниот висок раст на номиналните плати во економијата. Поради ова, се препорачува монетарната политика да остане соодветно затегната, а во случај овие ризици да се остварат, се посочува на потребата од нејзино дополнително затегнување.

фото Centar.mk

Понатаму, се посочува дека надворешнотрговското салдо значително е подобрено во однос на минатата година, во еден дел под влијание на остриот пад на глобалните цени на енергијата. Ваквите движења, заедно со натамошниот прилив на странски директни инвестиции, позитивно влијаат врз девизните резерви, коишто и натаму се на соодветно ниво.

Во поглед на банкарскиот систем, ММФ смета дека тој е отпорен и покрај огромните глобални шокови, благодарение на силните биланси на банките пред почетокот на пандемијата, но и на мерките преземени од страна на централната банка за нивно дополнително зајакнување. Банките се ликвидни, добро капитализирани и профитабилни, депозитите и кредитите и натаму бележат раст, додека нефункционалните кредити се на историски најниското ниво. Мисијата на ММФ искажува поддршка за макропрудентните мерки донесени од Народната банка, коишто помагаат за задржување на финансиската стабилност преку намалување на притисоците на пазарот на недвижности.