24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Грковска на конференција на АмЧам „Градење на сајбер-отпорни организации“: Целиме кон проактивен пристап во заштитата од сајбер-напади

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење учествуваше на конференцијата „Градење на сајбер-отпорни организации“ во организација на Комитетот за дигитални трансформации при Американската стопанска комора во Северна Македонија – АмЧам.

„Ако ја имаме предвид ситуацијата во светот, ние континуирано сме во војна на сајбер ниво и неопходен е проактивен пристап во постигнувањето на стандардите и градењето капацитети, за да го подговиме системот за поефикасно да реагира на сајбер нападите“, истакна вицепремиерката Грковска во своето излагање на првиот панел на конференцијата насловен „Стратегија за дигитализација и сајбер безбедност на Северна Македонија“, на кој учествуваа и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и Јетон Акику, директор на Агенцијата за електронски комуникации.

Вицепремиерката Грковска се осврна на постоечката легислатива на ова поле и додаде дека со претстојното усвојување на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, се воспоставуваат основите за воведување стандарди за сајбер безбедност кај државните институции, но и кај останатите субјекти од суштинско значење во земјата.

Истакнувајќи ја важноста на дигитализацијата во воспоставувањето ефикасен систем на политики за добро владеење, Грковска истакна дека уште со формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството инсистирала на системски пристап, наспроти досегашните парцијални решенија. „Среќна сум што Концептот за дигитална трансформација, што го подготвивме со поддршка на американската влада е усвоен и веќе сите стратегии и закони реално произлегуваат од таму“, истакна Грковска, додавајќи дека на овој начин ќе успееме да добиеме стратешка, планска и безбедна дигитална трансформација на општеството и политики за сајбер безбедност кои неминовно се испреплетени со овој процес.

Дводневната конференција во организација на АмЧам која се одржува во Скопје има за цел да се разменат идеи и искуства кои ќе помогнат во надминувањето на предизвиците и обезбедувањето на успешна и одржлива дигитална трансформација на македонскиот јавен и приватен сектор.