23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Кој го кочи напредокот? Блокадата на Собранието – главна забелешка во извештајот на ЕК

Европската комисија во извештајот за напредок на Македонија забележува дека работата на парламентот била нарушена со политичка поларизација, која дополнително е продлабочена одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони и важни именувања.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи за ова вината ја гледа кај опозицијата, која ја блокира работата на Собранието.

Османи рече дека од овие причини оневозможено било да се донесат голем број законски и реформски решенија.

Според него, опозицијата го блокира парламентот со години поради ситни партиско-политички и дневен интерес.

Од СДСМ, вината за блокадата на Собранието ја гледаат во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Левица, кои од партијата денеска ги нарекоа „кочничари на напредокот кон ЕУ“.

– Извештајот на Европската комисија ги потврди фактите, ДПМНЕ, Мицкоски и Левица се кочничари на напредокот кон ЕУ. Клучниот проблем за извештајот на Европската комисија и забелешките во него е тоа што Собранието е блокирано од страна на опозицијата. Се укажува на потребата да се донесат уставните измени и реформите за ЕУ кои ги блокираат токму Мицкоски ДПМНЕ. Блокадата на ДПМНЕ и Левица е и за поглавјата кои се однесуваат на борбата против корупцијата, што значи ДПМНЕ беше и останува против правдата, изјави денеска Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Кузеска додаде дека Комисијата јасно посочува дека Македонија има прогрес во 81 отсто од поглавјата а нема назадување во ниту едно поглавје.

Дополнително, рече Кузеска, 90 отсто од поглавјата се соодветно ниво на подготвеност.