Општото мнение е дека македонските компании не се во целост подготвени за промените во сегментот на изготвување извештаи за одржливост. Македонија има развиено сертификат, но засега поголем интерес од компаниите нема. Ова го потврдија и нашите соговорници.
Според познавачите, во Македонија, голем дел од македонските, пред се големи компании не ја разбираат сериозноста од обврската за изготвување на ESG или ESRS извештаи. Причина е и немањето строги законски легислативи. Странските инвеститори се добро запознаени и веќе се во потрага на компании или некои консултантски куќи што нудат ваква услуга или сертификат, бидејќи ЕУ го издигна на ниво на обврска.
Од Организацијата на работодавачи ни рекоа дека тие ги имаат сите сертификати, а и кластерот текстил има сертификати кои им ги бараат компаниите со кои соработуваат, а допрва ќе се подготвуваат за нов сертификат доколку им биде потребен.
Миле Бошков од конфедерацијата на работодавачи на Македонија вели „во рамки на членството на Бизнис конфедерацијата на Македонија, постои голем интерес, но сепак кај одредени компании фокусот е на исполнување стандарди кон познати клиенти. Сè уште свеста кон достигнување на целите на UN-SDG не е на посакуваното ниво, ниту пак се разбира концептот на добар имиџ и оставање добар пример како вредност која со сигурност ќе привлече внимание, клиенти и потрошувачи“.
Според Бошков, Компаниите мора да се вклучат во целокупната процедура.
„Начинот треба да биде објаснет и затоа се воведуваат овие стандарди. Тие мора да бидат насочени кон одржливост и намалување на негативното влијание кон животната средина. Социјалниот аспект може да го истакнат како подобар, а луѓето, вработените, и добавувачите треба да се топ приоритет во нивниот интерес на работа и доброто управување.
Прифаќањето или донесувањето на овој документ од ЕУ, на некој начин се пресликува и на земјите кандидати, во тие земји влегува во Македонија и нормално, одредени компании кои сакаат да настапат на европските пазари, или кои сакаат да бидат дел од глобалниот пазар, ќе треба да се однесуваат на ист начин како со своите партнери од ЕУ и глобалниот пазар.
Во Македонија одредени големи компании се потпираат на разни декларации и на пример во односот кон вработените, бидејќи и кај нас во Македонија постојат разни мултинационални компании кои се потпираат нa multinational enterprise declaration (декларација за мултинационални претпријатија), и на извештаи кои се однесуваат исто така на одговорно известување, односно, водичот за известување.
Од друга страна добро е што некои македонски компании можат да се пофалат дека имаат воведено и имплементирано одредени стандарди за известување и за објаснување дека имаат намален негативен импакт кон трите најважни категории, животната средина, вработените и доброто управување. Меѓутоа, важен е начинот на кој се спроведува постапката и важен е начинот на кој се сертифицира постапката. Односно купувањето на сертификатот и сертифицираната организација ја има главната улога, но ја има и неопходната обврска да знае како тоа да го спроведе.
Нашите компании во Македонија, мора да се прилагодат, мора да прочитаат, мора да им биде објаснето и мора да ги почитуваат правилата на оние кои ги спроведуваат во Македонија, исклучиво заради нивната добра иднина, одржливост и вклучување во семејството на глобалниот пазар“, завршува Бошков.
Според Комората за мал бизнис, тие имаат еден ваков сертификат, наречен (Eco-en) кој е развиен со помош на пари од ЕУ. Како што ни рекоа од таму, Македонија е подготвена да ги обезбеди овие сертификати. Македонските компании имаат капацитети, а тоа го докажала и нивната досегашна пракса, но засега, бидејќи не е законска обврска, компаниите кај нас не го сметаат како приоритет.
Според информацијата од Комората на мал бизнис, компанијата „Костал“ го има набавено овој сертификат. Истото го имаат обезбедено и уште петнаесетина други, македонски компании. Од комората не информира дека тие работат и на подобрување на сертификатот и за кратко време ќе имаат програма која во целост ќе ги задоволува критериумите и на ЕУ, но и на САД.
Извор: 24info.mk